Одлична атмосфера и позитивна енергија се чувствуваше во Богомила и регионот АЗОТ изминатиот викенд. Импресиите беа пренесени насекаде низ Македонија.

Дводневната програма која организаторите ја понудија беше изменета поради оправдани технички причини, но беа дополнети нови интересни активности.

Првиот ден беше предвиден за лесна тура до манастирот Св.Рождество Пресвета Богородица“ во близина на село Согле. 30-на велосипедисти имаа можност да се воодужебуват на нашето културно историско богатство. Препорака за сите љубители на црковните посети да се посети овој манастир.

Вториот дел од денот беше посветен за обука за прва помош за сите учесници која беше одлично прифатена, а вечерната АГРИА grill night беше дополнително изненадување за сите. Преквечернината беа прикажувани документарни филмови за Богомилите и Богомилското движење во светот кое ги има своите почетоци точно од овој крај.

Главниот ден се возеа ЧЕТИРИ мтб патеки, нешто што се случува за прв пат во Македонија. Сите 4 патеки водеа кон планинарскиот дом ЧЕПЛЕС каде љубезните домаќини и волонтерите на ВЕЛЕС БАЈКИНГ ги понудија со топол чај. Дополнително 30-на планинари ги посетија изворите на реката Бабуна. Планинарската патека беше во должина од 16,3 км

Главна атракција на целиот настан беше новиот сегмент во вториот дел на патеката со должина од 2,4 км каде по адреналински спуст во густа дабова шума искусните имаа можност да си иг проверат своите возачки способности, а оние останатите уживаа во недопрената природа.

Секако ,и планинарите си ја остварија својата агенда со прошетка до изворите на реката Бабуна, тргнувајќи од рибник Нежилово.

По завршувањето на сите активности во кампот на настанот имаше организиран ручек – согласно протоколите на комисијата за Здравство (пакувана и затворена храна). Секако за дополнителна забава, организаторите поделија 30-на скромни награди и благодарници на сите учесници и помагатели на овој настан.

leave a comment