8-мо издание на АЗОТ мтб Предизвик со нов концепт. Дводневна забава со DJ Стефан Тиловски од Штип кој настапува под сценското име InvictoZ

Во прoдoлжение Ви го пренесуваме неговото интервју. Текстот е превземен од порталот www.goce.mk

Во низата на успешни приказни на млади во Македонија можеме да го броиме и 20 годишниот DJ Стефан Тиловски од Штип кој настапува под сценското име InvictoZ. Меѓу неговите успеси се многубројните настапи во повеќе градови од Македонија, сопствени музички креации за издавачки куќи ширум светот, а од неодамна и свое музичко студио. Стефан кариерата и афирмацијата ја започна токму во Универзитетското радио УГД ФМ. За почетоците со музиката кои датираат уште од неговата 14-та година и за патот до успехот и инспирацијата, Тиловски повеќе раскажа во интервјуто за Гоце.мк.

“Музиката е едно од нештата од кој сум опколен уште од кога памтам за  себе. Се сеќавам како мал имав минијатурен клавир и многу гитари кои целосно бев заинтересиран да ги изучувам и свирам, и истата волја остана со мене и во раните тинејџерски години. На четиринаесет години прв пат го симнав софтверот за продукција кој сѐ уште го користам, но тогаш како хоби, ни малку не знаев дека толку ќе бидам обземен од истиот. Музиката е нешто што пред неколку години ми започна како пасија и денес сум горд што тоа премина во нешто кое поврзува многу луѓе и остава насмевка на нивните лица.”, вели InvictoZ.

Идоли му биле познатите светски DJ и продуценти, а Hardwell извршил големо влијание на него.

Како и на секое дете и неговата приказна започна угледувајќи им се на своите идоли, светски познатите DJ и продуценти  David Guetta и Roger Sanchez, а според Тиловски холандскиот DJ и продуцент Hardwell имал огромна инфлуенца врз неговиот поглед на музика и начинот спрема кој ја доловувал електронската музика.

“Трудот и напорната работа, како во секоја струка, е клучен фактор за успех и во музиката. Лично имам издадено музика под број странски издавачки, дел од кои се лоцирани во Бразил, Германија, САД итн. Пред сѐ за да успееш во нешто мора да си добар, а успехот во своето поле ќе си дојде сам по себе. Одржување и промовирање на социјалните мрежи е еден добар начин на “реклама”, но како што кажав, истите промоции мора да се поткрепени од добар продукт. Просперитет е нешто што секој го доживува на свој начин и сметам дека секое постигнување во своето поле треба да се толкува како таков. Секој чекор напред, колку и да е мал, е чекор поблиску до успехот кој го сакаме, и со тоа сметам дека во секој простор, па вклучувајќи ја и нашата држава, има можности за успех.”, вели InvictoZ.

екој го гледа успехот на свој начин!

Во својата професија, Тиловски смета дека е битно и инвестирањето за да се достигне крајната цел. За него најголем предизвик, а воедно и успех било отворањето на свое музичко студио.

“Студиото ми овозможи креирање на побрз и поквалитетен финален продукт и со тоа ми отвори повеќе можности и секако ми задоволи лична сатисфакција, при што си остварив сон кој го имав уште од самите почетоци како продуцент и пред сѐ артист.”

Неговата успешна приказна допрва ќе продолжи и тој нѐ уверува дека во иднина можеме да очекуваме многу повеќе проекти.

“Спремам околу седум проекти за наредните неколку месеци, многу DJ сетови, дел од кои ќе бидат снимени во живо на повеќе локации низ Македонија. Наредната песна официјално можам да ви потврдам дека ќе биде објавена во февруари преку издавачката куќа “Cafe De Anatolia”. Имам амбиции за уште поголеми успеси, уште многу настапи и се надевам ќе споделиме уште многу насмевки заедно”, порачува InvictoZ.

Повеќе од делата на InvictoZ може да слушнете на неговиот YouTube канал. Можеби ваквата успешна приказна ќе биде и поттик за остварување  на вашиот долго посакуван сон.

leave a comment